Во Битола весело и разиграно започна новата учебна година
На првиот ден од новата учебна година, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски беше во посета на три основни училишта, односно на средба со најрадосните ученици, а тоа се првоодделенците.
“Приредби за добредојде беа организирани во сите училишта. Радоста на 1 септември ја споделив и со првоодделенците од основните училишта „Елпида Караманди“, „Коле Канински“ и „Даме Груев“.
Драги ученици првоодделенци, голема е радоста што ја имам приликата да Ви го честитам почетокот на вашето училишно патување. Денеска е голем ден за вас, влегувате во светот на знаењето, пријателството и новите предизвици. Во училишните клупи ќе научите да читате и пишувате, да се дружите и да ја откривате убавината на знаењето. Им посакувам успешна учебна година на сите ученици” – истакна Коњановски.
