Вчера во Прилеп се одржа Регионалниот натпревар по прва помош во организација на Црвениот крст
Во Прилеп се одржа Регионалниот натпревар по прва помош (Регион 1), во организација на Црвениот крст. Настан кој уште еднаш ја потврди важноста на хуманоста, солидарноста и подготвеноста да се помогне тогаш кога е најпотребно.
“Заедно со претседателката на Советот на Општина Прилеп ги посетивме пунктовите, разговаравме со екипите, волонтерите и организаторите и имавме можност одблиску да ја видиме нивната подготвеност, знаење и посветеност.
Особено радува фактот што младите луѓе, преку своето учество, покажуваат високо ниво на одговорност, хуманост и желба да помогнат. Токму тие се вистински пример дека човечките вредности се негуваат и се пренесуваат на новите генерации.
Во многу ситуации токму брзата реакција и знаењето можат да спасат човечки живот. Затоа, ваквите натпревари и едукации имаат огромно значење за целото општество.
Упатувам искрени честитки до Црвениот крст за одличната организација, како и до сите натпреварувачи, волонтери и судии за нивната посветеност и вложен труд.
Општина Прилеп и понатаму ќе продолжи да ги поддржува ваквите активности, затоа што вложувањето во младите, здравјето и хуманоста е вложување во подобра иднина за сите граѓани” – порача Проданоски.
