STANICA.MK УТРОВО ПОВТОРНО НА ТЕРЕН: Трет ден штрајк во образованието
Трет ден штрајк во образованието, а како што одминуваат деновиве штрајкот наидува на се поголема-огромна поддршка, како од просветните работници ширум нашата земја, така и од родителите на самите ученици. Од утрово, ситуацијата на терен во пелагонискиот регион е речиси идентична како и вчера, штрајкот продолжува со засилено темпо, при што како што истакнуваат од СОНК, штрајкот ќе трае се додека Владата не го слушне барањето на просветните работници.
Имено, во текот на вчерашниот ден Претседателот на СОНК Јаким Неделков, испрати соопштение до медиумите со кое јасно укажува дали, и кога ќе има одлука за прекин на штрајкот и продолжување на нормалниот тек на воспитно – образовниот процес: “Со ова соопштение сакаме да ве информираме за текот на вториот ден од Генералниот штрајк на вработените во детските градинки, основните и средните училишта, за остварување на социјалните барања, а во организација на СОНК. Во текот на денешниот ден, сите синдикални организации на СОНК се во Генерален штрајк, дополнително со зголемен број на колешки и колеги кои се приклучиле кон штрајкот. Посериозни проблеми или притисоци врз штрајкувачите не се регистрирани до овој момент, а доколку има такви дејствија и пристигнат изјави до нас, јавноста ќе биде благовремено информирана.Во текот на денешниот ден очекуваме покана за работна средба од страна на надлежните институции, а за времето на одржување на средбата и резултатите од неа, ќе бидете дополнително информирани.СОНК се надева дека ресорните министерства или Владата ќе излезат со конкретен и прифатлив предлог за зголемување на платите во гореспоменатите дејности односно со предлог кој ќе биде прифатлив од мнозинството на членови на СОНК. Со тоа би се донело, во најкраток можен рок, одлука за прекин на штрајкот и продолжување на нормалниот тек на воспитно – образовниот процес”-истакна Јаким Неделков .