Со остар предмет значително е оштетен автомобилот на претседателот на Совет на Општина Прилеп Дејан Проданоски
Автомобилот на претседателот на Совет на Општина Прилеп Дејан Проданоски, кој што воедно е и претседател на ОК при ВМРО-ДПМНЕ – Прилеп, на социјалните мрежи соопшти дека со оштар предмет бил значително оштетен неговиот автомобил, кој бил паркиран на јавна површина. Како што соопштува Проданоски, самиот тој не знае кој е сторителот, меѓутоа нагласува дека нихилизмот од поединeц не и носи добро на заедницата.
Објавата на Проданоски, Ви ја пренесуваме целосно во прилог на оваа објава:
Синоќа, случајно или намерно, дали од невнимание или со намера, со оштар предмет беше значително оштетен мојот автомобил, паркиран на јавна површина.
Не знам кој е сторителот, но знам дека нихилизмот од поединeц не и носи добро на заедницата. Со уништување не може да се создаде добра целина и не вeрувам дека со зло може да се дојде до добра цел.
Ваквата постапка, оштетување на мојот приватен автомобил, случајна или намерна ја сфаќам само, и никако поинаку, како личен атак врз мене, врз мојата безбедност, поради мојот политички активизам, како Претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ и врз мојата функција која ја извршувам чесно, во интерес на моите сограѓани, како претставник на граѓаните во Советот и како Претседател на Совет на Општина Прилеп, и, сметам дека е дело на лица со различна политичка определба, кои сакаат да внесат страв и паника во заедницата. Уништувањето на материјално лично добро на поединци, само ја потврдува несигурноста која што сака да се наметне во заедница и да се прикаже неспособноста на МВР и полицијата во Прилеп да го заштити граѓанинот и неговиот имот.
Прилеп е град на чесни, мудри и добри луѓе. Хулганството, бруталноста и насилството со намера да се уништи личното и општественото добро, да се направи штета некому, за градот да се дестабилизира, со цел да се предизвика страв, само резултира со омраза и недоверба на граѓаните кон полицијата, која треба да штити и да го чувствува мирот и се потврдува тезата за неспособноста на безбедносните структури во Прилеп!
Гневот и лутината не се моја особина! Верувам во системот и правдата! И, затоа ги повикувам надлежните да го пронајдат сторителот и да постапат според законските одредби поврзани со Законот за безбедноста на граѓаните и нивниот имот!
Во 1888, Ниче напишал ,,Од военото училиште на животот – Тоа што не ме убива, ме прави посилен“!(“Aus der Kriegsschule des Lebens.—Was mich nicht umbringt, macht mich stärker,”) – истакна Проданоски во неговата објава.