Рајски спокој во Прилеп! Храмот „Св. Петка“ – црковна убавина на која никој не останал рамнодушен
Повелете во храмот „Св. Петка“ во Прилеп – место каде духовноста, архитектурата и природната убавина се спојуваат во единствена хармонија. Иако релативно нов, храмот веќе се вбројува меѓу најубаво уредените православни храмови во Македонија.
Со својата впечатлива архитектура, прекрасно уредено двориште исполнето со стотици ружи, разновидно цвеќе и ретки украсни зимзелени и листопадни дрвја и растенија, храмот оправдано го носи епитетот „ЦВЕТЕН“. Храмот, кој плени со својата убавина, за кратко време прерасна во духовна и културна оаза за прилепчани и сите добронамерници.
Верниците можат да се поклонат пред свети мошти од некои од најпочитуваните светители:
– СВ. НИКОЛА Мирликиски Чудотворец – патрон и закрилник на Прилеп и еден од најпочитуваните светители во целиот христијански свет
– СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ – патронот на МПЦ-ОА и закрилникот на Македонија
– СВ. ХРИСТОФОР – маченик за Христа од III-от век, патрон на ветеринарскиот еснаф во Прилеп
– СВ. ПАНТЕЛЕЈМОН – чудотворец кој важи за еден од најпочитуваните светители во православието
– СВ. НЕКТАРИЈ ЕГИНСКИ – големиот исцелител, особено за оние што страдаат од канцер и други серизни болести и важи за еден од највозљубените светители на православието,
– СВ. СПИРИДОН – неговите чудoтвoрни мoшти на oстрoвoт Крф и дeн-дeнeс гo прoславуваат Бoга сo мнoгутe чуда,
– СВ. ФИЛАРЕТ МОСКОВСКИ и други.
– ЧЕСТИЦА ОД МАМВРИСКИОТ ДАБ, вградена во икона на Света Троица, каде Пресветата Троица му се јавила на праотецот Авраам. Се проценува дека Мамврискиот даб односно честицата е стара повеќе од 3800 години а според некои верувања дури и 5000 год.
– Посебно богатство на храмот е и ЧЕСТИЦА ОД ЖИВОТВОРНИОТ КРСТ НА КОЈ БИЛ РАСПНАТ НАШИОТ СПАСИТЕЛ ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС, вградена во уникатна ѕвезда во икона на која се насликани Светиот цар Константин Велики и неговата мајка царицата Елена, која го пронашла светиот Крст.
Храмот претставува архитектонски бисер кој импресионира со својата грандиозна форма и внимание кон деталите.
Идеално за фотографирање, размислување и уживање во мирот меѓу стотиците цвеќиња и ружи.
Обезбеден е простран приватен паркинг, погоден и за автобуси и туристички групи, со што храмот е лесно достапен за сите.
Со своето возвишено црковно пеење, хорот редовно ги збогатува неделните и празничните богослужби, давајќи дополнителна убавина на литургиите.
Посетителите можат да се освежат со кафе или чај во дворот, опкружени со цвеќе и тивка духовна музика што нежно се слуша преку целиот ден.
На платото пред храмот и во самата црква често се одржуваат концерти на духовна, класична и етно музика, промоции, детски активности и други културно-образовни настани, со вклучување на младите од прилепските училишта.
Храмот се наоѓа во нас. Точила – Прилеп, на одлична позиција во близина на манастирите:
– Св. Архангел Михаил (Варош)
– „Успение на Пресвета Богородица“ Трескавец
– „Св. Преображение“ с. Зрзе
– „Св. Никола“ во с. Манастир – Мариово
– „Св. Димитриј“ во с. Селце
– „Св. Никола“ во Прилепец
… и други духовни и природни бисери на Прилепскиот регион.
Храмот „Св. Петка“ е нов духовен светилник на картата на македонските свети места. Место каде луѓето доаѓаат не само да се помолат, туку и да се сретнат, да се смират, да се восхитат на убавината на Божјото и човековото дело.
насловна фото/ FB страна на Храмот св.Петка – Прилеп
