Градоначалникот Проданоски, со моќна порака по повод Меѓународен ден на мајчиниот јазик
Низ историјата, македонскиот јазик не само што опстанал, туку и цутел. Се зборува, пишува и пее не за да докажеме дека постоиме, туку затоа што сме наследници на ова богатство. По повод Меѓународен ден на мајчиниот јазик, прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски упати моќна, впечатлива порака во која се вели:
“Мајчиниот јазик е првата нишка што нè врзува со светот. На него сме ги слушнале првите приказни од нашите родители, баби и дедовци, на него сме се смееле, сме тагувале и сме сонувале. Македонскиот јазик не е само средство за комуникација, тој е душа, традиција и спомен што се пренесува од генерација на генерација.
Да го негуваме со љубов и почит, да внимаваме на зборот што го изговараме и да покажеме дека знаеме да го цениме она што ни е оставено како аманет.
Нека ни биде гордост, нека ни биде сила и нека нè обединува во секое време” – порача Проданоски.
