Проданоски со честитка по повод Денот на македонски јазик: Нека е вековит македонскиот збор
Денес, на 5 Мај, Денот на македонската азбука и македонскиот јазик, одбележуваме светол миг од нашата историја, денот кога македонскиот збор доби своја официјална форма, а нашиот идентитет своја јасна и гласна потврда.
Овој датум е сведоштво за истрајноста на генерации македонски дејци, кои речиси еден век го градеа патот до кодификацијата на јазикот. Од преродбеничките заложби, преку мислата на Крсте Петков Мисирков и револуционерниот дух на Кочо Рацин, до научната прецизност и визија на Блаже Конески, македонскиот јазик е плод на љубов, жртва и непоколеблива верба.
Јазикот не е само средство за комуникација, тој е нашата колективна меморија, нашата култура, нашата душа. Во него се впишани нашите радости и премрежија, нашето минато и нашата иднина.
„Јазикот е единствената наша татковина“, напиша Конески, мисла што и денес одекнува силно и обврзувачки.
Затоа, нашата должност е да го чуваме, негуваме и унапредуваме македонскиот јазик, со гордост, со љубов и со одговорност.
Нека ни е честит 5 Мај, Денот на македонската азбука и македонскиот јазик!
Нека е вековит македонскиот збор! – порача прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.
