Проданоски: Сметам дека безбедноста на децата е наша заедничка одговорност, затоа, како Општина Прилеп, активно работиме на создавање побезбедна сообраќајна средина
Во Домот на културата Марко Цепенков, денеска се одржа инспиративен и едукативен настан посветен на најмладите. Во рамки на кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ од РСБСП, реализирана беше интерактивна театарска претстава „Застани, погледни, па на пешачки премин премини“, преку која над 600 првачиња од општина Прилеп и од општина Кривогаштани на креативен и разбирлив начин учеа за правилата во сообраќајот.
“Убеден сум дека токму ваквиот пристап, преку едукација, интеракција и практични примери, остава најсилен впечаток кај децата и придонесува тие да изградат здрави навики кои значат безбедност за нивниот живот и здравјето.
Сметам дека безбедноста на децата е наша заедничка одговорност, затоа, како Општина Прилеп, активно работиме на создавање побезбедна сообраќајна средина. Во моментов подготвуваме техничка студија за регулација на сообраќајот во соработка со Техничкиот факултет Битола, со цел детектирање на критичните сообраќајни точки и унапредување на безбедноста во градот.
Паралелно, инвестираме во подобрување на инфраструктурата и работиме на воведување современи системи како „Сејф сити“, со што очекувам Прилеп во наредните години да стане значително побезбеден град за сите учесници во сообраќајот.
Сакам искрено да се заблагодарам на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата за организацијата, особено до претседателот Горан Ангеловски, како и до претставниците од Републичкиот и општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, претставниците од ПС Прилеп и од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај, до сите училишта за нивната соработка и до Центарот за култура Марко Цепенков за поддршката на настанот.
Остануваме посветени на соработката со институциите, училиштата, наставниците и родителите, затоа што само заедно можеме да изградиме одговорни генерации и сигурна иднина за нашите деца” – истакна Проданоски.
