Проданоски на терен кај пожарот на градската депонија кај „Алинци“
Денеска, околу 14:00 часот, избувна пожар на градската депонија кај „Алинци“. Веднаш по добиената информација, на терен излегоа екипи на ТППЕ – Прилеп, Дирекцијата за заштита и спасување, како и екипите на ЈКП „Комуналец“ и „Водовод и канализација“, со механизација и работна сила, заедно со општествено одговорни компании кои се вклучија во гаснењето и локализирањето на пожарот.
“Пожарот во моментов е ставен под контрола, а екипите и понатаму ќе продолжат со активности за негово целосно гаснење и спречување на евентуално ширење на огнот.
Апелирам до граѓаните да не шират непроверени информации на социјалните мрежи, туку да ги следат официјалните соопштенија од надлежните институции. Само со точни и навремени информации може да се избегне непотребна паника и да се обезбеди координирана реакција.
По теренскиот увид одржавме координативен состанок со Општинскиот штаб за заштита и спасување, на кој беа утврдени насоките за понатамошно делување на сите релевантни институции.
Заради безбедно функционирање на сообраќајот на патниот правец Прилеп – Битола, вечерва ќе биде зголемена контролата и присуството на сообраќајната полиција.
Во текот на ноќта продолжуваме континуирано да ја следиме ситуацијата, а рано наутро активностите на терен ќе продолжат со координирана акција.
Овој настан уште еднаш ја потврдува потребата од трајно и системско решение за управување со отпадот, односно изградба на регионална депонија со современи стандарди. Како локална самоуправа остануваме целосно посветени на обезбедување долгорочно и одржливо решение за управување со отпадот, со цел да се заштитат животната средина, здравјето на граѓаните и безбедноста на нашиот град” – истакна прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.
