ПРОДАНОСКИ: Денеска оддаваме почит на двајцата македонски великани Гоце Делчев и Пере Тошев, чие дело и жртва засекогаш се вградени во темелите на македонската државност!
Денеска во Прилеп беше оддадена почит на двајцата македонски великани, Гоце Делчев и Пере Тошев, чие дело и жртва засекогаш се вградени во темелите на македонската државност.
“На 4 мај 1903 година загина Гоце Делчев, симбол на револуционерната мисла и борба за слобода, човек со визија кој веруваше дека светот треба да го разбираме како поле за културен натпревар меѓу народите. Токму затоа, денеска со право се прашуваме: како ние, како современо општество, ја разбираме неговата порака?
Одговорот започнува од секој од нас. Сите, почнувајќи од себе, треба да размислуваме како овој свет да го направиме подобро место за живеење. Со сè што правиме, треба да покажеме дека заеднички можеме да изградиме поубав, посовремен и поорганизиран Прилеп, општина која ќе биде вистински дом за нас и за генерациите што доаѓаат.
На овој ден се сеќаваме и на нашиот прилепчанец Пере Тошев, кој загина на 4 мај 1912 година. Како еден од апостолите на македонската револуционерна борба и учесник во креирањето на уставот на Внатрешната македонска револуционерна организација, тој претставува гордост за Прилеп и пример за пожртвуваност и визија.
Должни сме достоинствено да ја изразуваме почитта кон овие двајца великани, кои на свој начин ги поставија основите врз кои денес ја градиме современата македонска држава.
Нека е честит патрониот празник на ООУ „Гоце Делчев“.
Да продолжиме со вакви дела, да оддаваме почит и да се потсетуваме дека историјата е нашиот најдобар учител, а нивната борба, наша трајна инспирација за подобро утре” – порача Проданоски.
