Прилепскиот градоначалник после големото невреме на терен во Големо Коњари
Денеска прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски и неговиот тим, беа на терен во населеното место Големо Коњари, каде ги согледаа последиците од вчерашното силно невреме проследено со дожд и град, кое предизвика сериозни штети врз земјоделските површини во атарите на населените места Мажучиште, Големо и Мало Коњари.
“Утре, на редовната седница на Советот на Општина Прилеп, ќе формираме Комисија за утврдување и проценка на штетите. По завршувањето на проценката, извештајот и записникот веднаш ќе ги доставиме до Владата, по што се надеваме дека ќе се дефинира соодветен надомест за погодените земјоделци.
Најголем дел од штетите се на тутуновите насади, токму во периодот на бербата, но оштетени се и други земјоделски култури.
Како локална самоуправа стоиме максимално зад нашите сограѓани. Ќе иницираме и итна средба со Министерството за земјоделство, со цел заеднички да се изнајдат брзи и соодветни решенија за земјоделците кои претрпеа штети.
Во вакви моменти нема простор за чекање. Наша должност е да бидеме со земјоделците и да помогнеме штетата да биде соодветно проценета и надоместена” – истакна Проданоски.
