Прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски е во работна посета на Париз

Сподели го ова:





























Прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски, денеска е во Париз каде имаше можност да учествува на работната посета и размена на искуства во рамки на „Платформа за еколошки автобуси и одржлив возен парк (Clean Bus and Clean Fleet Platform)“, организирана од Транспортната заедница (Transport Community) и ГИЗ – Германско друштво за меѓународна соработка (GIZ – German Development Agency), со поддршка на Регионалната организација за јавен превоз на Париз (Île-de-France Mobilités).

“Оваа посета беше одлична можност за директно запознавање со искуствата и добрите практики на Париз во процесот на транзиција кон автобуски возен парк со нулта емисија. Преку презентации и теренска посета на оперативниот центар, добивме конкретни сознанија за набавка на електрични автобуси, развој на инфраструктура за полнење во депоа и долж линиите, како и за управување со енергетската мрежа и адаптација на системот на јавен превоз кон климатските предизвици.

Особено значајно беше учеството на претставници од релевантни меѓународни институции, меѓу кои Европската банка за обнова и развој (European Bank for Reconstruction and Development – EBRD) и Европската инвестициска банка (European Investment Bank – EIB), кои ги презентираа можностите за поддршка на урбан транспорт, зелена мобилност и инвестиции во одржлива инфраструктура.

Сакам искрено да се заблагодарам за поканата и одличната организација на оваа работна посета. Ваквите иницијативи се од големо значење за јакнење на институционалните капацитети и за забрзување на процесите на модернизација и декарбонизација на јавниот превоз.

Во текот на посетата беа остварени значајни контакти со претставници од европски градови и институции, кои верувам ќе бидат добра основа за понатамошна соработка и развој на конкретни проекти. Посетата беше организирана и под покровителство од страна на Транспортната заедница, што овозможи учество без користење средства од буџетот на локалната самоуправа.

Како локална самоуправа, остануваме посветени на воведување современи, еколошки и одржливи решенија, со цел обезбедување поквалитетен јавен превоз, почиста животна средина и подобар квалитет на живот за сите граѓани” – порача Проданоски.




Сподели го ова:

Слични објави