Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески со честитка до граѓаните по повод 11-ти Октомври
Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески по повод 11-ти Октомври, упати честитка до граѓаните која целосно Ви ја пренесуваме во прилог на оваа наша објава:
“Честит празник и нека ни е вековит 11-ти Октомври, Денот на народното востание на македонскиот народ!
Прилеп, градот во кој пукнала првата пушка…
Прилеп, градот кој пред 81 година го означил почетокот на народното востание за конечно ослободување на Македонија од бугарскиот фашистички окупатор.
Водени од идеалите за слободна и суверена македонска држава и носејќи ги на грбот илјадниците жртви на војната, беспоштедно започнуваме борба која подоцна ќе го донесе големото ослободување на нашата Македонија, но и придонес за слободата во Европа.
Овој празник, оваа победа на македонскиот народ е светла точка во нашата историја. Но исто така поттик и мотив сега и во иднина цврсто да застанеме кога се во прашање националните интереси, доколку сакаме да го продолжиме патот кој е започнат пред 81 година, а со тоа да го зачуваме достоинството на Република Македонија!
Празнувајќи денес, оддаваме почит на сите херои од нашата голема и богата македонска историја. Тие се оние кои што ги поставиле темелите врз кои опстојува денешната современа Република Македонија. Посебно во овие исклучително бурни времина за македонската држава мораме да останиме цврсти, одлучни и сплотени на браникот на татковината!
Да бидам градоначалник на Прилеп за мене претставува голема одговорност, затоа што сигурен сум дека со вас почитувани сограѓани имаме иста и заедничка цел. А тоа е просперитет и напредок во сите области на нашиот град херој.
Заедно мораме да чекориме напред и заедно почитувани сограѓани, да ја реализираме нашата визија за Прилеп да биде повторно една од најубавите општини за живеење во Македонија.
За жал во изминатиов период Прилеп помина низ многу тежок период, економски уништен и осиромашен. Негативните последици сега ги чуствуваме сите и дополнително се справуваме со енергетската криза која што во моментов преовладува.
Драги мои прилепчани, преку взаемна соработка, почит, поддршка и многу работа, ќе продолжиме да чекориме по патот на успехот и ќе постигнеме нови достигнувања за сите нас, за нашите семејства, за нашиот Прилеп.
Секоја генерација, секоја екипа па и секоја Локална власт има своја битка и свои победи кои треба да ги извојува!
Сега е време во кое мораме да покажеме дека сакаме да живееме во просперитетен Прилеп, но исто така сега е време и во кое сите треба да покажеме дека сакаме просперитетна и демократска Република Македонија.
Уште еднаш, Нека ни е честит и вековит 11-ти Октомври!” – истакна Јовчески.

