Прилепскиот црковен храм Св. Кирил и Методиј денеска ја одбележа црковната слава
Денеска со гордост и длабока почит, се навраќаме кон делото на сесловенските просветители кои му дадоа духовна и културна сила на словенскиот свет. Тие му подарија на народот можност да учи, да се просветлува и да го слуша Божјото слово на свој, разбирлив јазик. Токму затоа, нивното дело и денес претставува темел на нашето образование, култура и национален идентитет.
“Со присуство на Светата Божествена Архиерејска Литургија во храмот „Свети Кирил и Методиј“ – Параклис во Прилеп, денес достоинствено им оддадовме почит на нивниот свет подвиг и испративме порака дека духовните вредности, знаењето и традицијата остануваат наша трајна обврска и пат кон иднината.
Со Светата Литургија чиноначалствуваше Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение со Митрополитот Австралиско-новозеландски г. Никола и прилепските свештенослужители.
Македонскиот јазик, писменоста и просветата се богатство кое мораме да го чуваме и да го пренесуваме на идните генерации. Во време на брзи промени, токму образованието и културата се најсилниот чувар на нашата самобитност и достоинство.
Вечна нека е нивната просветителска мисија и светлината што ја оставија зад себе.
На сите кои денес го слават својот именден, им посакувам многу здравје, среќа, мир и духовен благослов. Нека е честит и вековит празникот!” – истакна прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.
