Прилеп го одбележа 8-ми Април – Меѓународниот ден на Ромите
Градот под Марковите Кули го одбележа 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите, а градоначалникот Дејан Проданоски во име на Општина Прилеп упати искрени честитки до сите припадници на ромската заедница.
“Ромската заедница е нераскинлив дел од нашето општество, заедница што ја градиме врз вредности на почитување на различностите, взаемна почит, разбирање и еднаквост. Нашата определба е јасна, Прилеп да биде град на рамноправни граѓани, каде секој има можност да напредува и да придонесува.
Како локална самоуправа, посветено работиме на подобрување на условите за живот на сите граѓани. Особено внимание посветуваме на унапредување на образованието, инклузијата и социјално-економската состојба на ромската заедница. Во таа насока реализиравме бројни проекти, особено во населбата Тризла, преку соработка со домашни и меѓународни партнери.
Во наредниот период ќе се изработат 4 детални урбанистички планови за овој дел од градот, од кои два се веќе во тек. Како што ветивме во изборната програма, продолжуваме со инфраструктурни проекти во Тризла, предвидено е асфалтирање на 4 километри улици, а истовремено активно аплицираме на програми што обезбедуваат сериозна поддршка за ромската заедница и ќе придонесат за подобар квалитет на живот.
Континуирано инвестираме во водоводната и канализациската мрежа, уличното осветлување, како и во развојот на културниот и општествениот живот. Работиме на интеграција на ромските деца во образовниот процес и создавање услови за нивна поголема вклученост во сите сфери на општеството.
Во чест на денешниот ден, ромското знаме ќе се вее пред зградата на Општина Прилеп како симбол на почит, признание и заедништво.
Ги поканувам сите граѓани денес во 17:00 часот во Домот на културата „Марко Цепенков“, каде со богата културно-уметничка програма заеднички ќе го одбележиме значењето на овој важен ден.
Нека ни е честит Меѓународниот ден на Ромите!
Да продолжиме заедно со почит, единство и заедничка визија за подобар Прилеп” – порача Проданоски.
