Еве од кога Прилеп за прв пат се спомнува во историјата

Сподели го ова:




Во историските извори Прилеп за прв пат се споменува во 1014 година.Територијата на градот и неговата околина претставувале едно од најважните стратешко-политички и воени подрачја на овој дел од Балканот. Во пелагонискиот дел се наоѓале мошне важни крстосници на патишта од правецот на Егејското и Јадранското море.Важните антички магистрали Виа Игнација и Виа Милитарис својата најприродна врска ја имале преку Прилеп. Исто така преку Прилеп врвел и најкусиот трговско-каравански пат по кој од правецот на Јадранското море венецијанските и дубровничките трговци и курири поаѓале кон Солун. Низ вековите, на овој простор се среќавале и се судирале хеленската, римската, византиската и словенската култура.Најголемиот подем во својата средновековна историја Прилеп го доживеал во последната четвртина од 13 и првата половина на 14 век.Резултат на таквиот растеж се значајните споменици од тој период,како што се единственото наоѓалиште на остатоци од словенска населба од 10 век,црквата Св.Архангел Михаил со фрески од 11 век,како и црквите Св.Димитрија и Св.Никола во која се наоѓа и фрескоживописот од 13 век.Во деветнаесеттиот век во градот се формирал трговски центар со познатата Стара чаршија. Во периодот на македонската културна и национална преродба, Прилеп претставувал значајно средиште на словенската, односно македонската писменост, литература и култура. Од тој период од посебно значење е просветителската дејност која во Прилеп ја изврушувале македонските преродбеници Јордан Хаџи-Констатинов Џинот, Димитар Миладинов, Рајко Жинзифов и Кузман Шапкарев како и дејноста на познатиот собирач на македонски народни умотворби Марко Цепенко.Својот најзначаен подем и растеж Прилеп го доживеа во времето на слободниот повоен развој кога и израсна во значаен политичко-административен,културно-образовен,научен и стопански центар во Република Македонија.На македонската книжевност Прилеп и подари повеќе од 25 писатели, на ликовната уметност дваесетина сликари и скулптори, а на македонската научна мисла повеќе признати научни работници.





Сподели го ова:

Слични објави