Општина Прилеп и Општина Куманово разменија добри практики за управување со отпад
Општина Прилеп со гордост ја пречека делегацијата од Општина Куманово во рамките на студиската посета насочена кон размена на искуства и добри практики во областа на управување со отпад. Нашето долгогодишно искуство и вложувањата во воспоставување ефикасен систем за селекција и третман на отпад се препознаени како успешен модел кој може да послужи како водилка и за други општини.
Делегацијата оствари средби со претставници на Општина Прилеп и ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, при што беа посетени клучните локации поврзани со управувањето со отпад: постоечката локација за доселекција на комунален отпад, како и новата современа постројка за селекција, која е во завршна фаза на изградба.
Оваа посета претставува важен чекор кон јакнење на интеропштинската соработка и пренесување на практичното искуство кое Прилеп го гради повеќе од десет години – со јасна цел: заштита на животната средина, зголемување на степенот на рециклирање и усогласување со стандардите на ЕУ и Зелената агенда за Западен Балкан.
Активноста е дел од проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената Агенда на локално ниво“, спроведен од Центар за климатски промени, со поддршка од Владата на Швајцарија преку програмата Civica Mobilitas.
Посакуваме успешна имплементација на слични модели и во Куманово и се надеваме на продлабочување на соработката помеѓу двете општини во иднина.
