Од Битола – кон славното Крушево! Битолска Коњаница “Галоп” ќе го започне својот традиционален Илинденски марш
Битолска Коњаница ГАЛОП на 26 јули со спектакуларно коњичко дефиле, ќе го започне годинешниот традиционален марш кон легендарното Крушево, по повод 123-годишнината од Илинденското востание.
Имено, на 26.07 точно на пладне од Офицерскиот дом во Битола ќе започне свечено дефиле низ Широк Сокак кон селото Цапари, каде ќе се одржи свечена програма со настап на КУД „Гоце Делчев“ – Битола. Следниот ден, во недела на 27 јули коњаницата ќе се упати кон селото Стрежево, а веќе наредниот ден на 28 јули пристигнува во славното Смилево, каде ќе биде положено свежо цвеќе на гробот на Даме Груев.
Маршот на 29 јули од Смилево продолжува кон селото Слепче, каде на официјална прес-конференција ќе бидат претставени трите нови патриотски музички видеоспотови од Битолска Коњаница ГАЛОП. Во Слепче присутни ќе бидат и поддржувачите на проектот, Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје, како генерален спонзор. Патот на битолската коњаница продолжува на 30 јули за селото Бирино, а на 31 јули коњаниците пристигнува во историското Крушево, каде ќе им се приклучат коњаниците од Кичево и Горно Лисиче на свеченото дефиле низ градот.
На првиот ден од месец август, ГАЛОП ќе биде дел од официјалното дефиле организирано од Општина Крушево, а ден покасно на 2 август, на Денот на Републиката – Илинден, ќе учествуваат во традиционалното дефиле до Мечкин Камен.
123 години од Илинденското востание. Нека е вечна Републиката!
