Министерство за култура: Центар за култура-Битола приреди спектакуларно отворање на Интернационалниот фестивал на монодрама
Новото издание на Интернационалниот фестивал на монодрама започна со спектакуларно отворање кое го приреди НУ Центар за култура-Битола низ мега-изложба на фотографии „Лауреати на фестивалот“, музички перформанс и монодрама која ја изведе актерката Тијана Дапчевиќ – информираат од Министерството за култура и туризам, при што додаваат:
“Гостите од градот, државата и странство ги поздрави Сашо Илковски, директор на НУ Центар за култура кој истакна дека на фестивалските сцени во Битола ќе настапат актери од повеќе европски земји и од Египет.
Интернационалниот фестивал на монодрама денеска продолжува со настап на актерите што ќе се натпреваруваат за наградата Гран при.
Според програмата, на големата сцена ќе биде изведена монодрамата „Џег Хамлет“ која ќе ја одигра актерот Дени Денис од Данска, на новата сцена актерот Ахмед Јехија Махмуд Авад од Египет ќе ја изведе монодрамата „Поштарот на Неруда“, а во вечерната програма ќе биде изведена монодрамата „Животот нема наслов“ во која ќе настапи актерката Енџи Николоска” – информираат од Министерството за култура и туризам.
