Министерот Зоран Љутков и Државниот секретар Марија Станчевска-Ѓоргова, синоќа присуствуваа на величествената изведба на „Кармина Бурана“ од Карл Орф, во изведба на Оркестарот на Македонската филхармонија
Министерот Зоран Љутков и Државниот секретар Марија Станчевска-Ѓоргова, синоќа присуствуваа на величествената изведба на „Кармина Бурана“ од Карл Орф, во изведба на Оркестарот на Македонската филхармонија, која на импресивен начин ја заокружи концертната сезона „Без Филтер“.
Покрај оркестарот на Филхармонија, во проектот учествуваат и музичари од Софиската филхармонија, Државниот симфониски оркестар од Солун, хорот на МОБ, детскиот хор „Пиколо“, како и хорот на Музичкото училиште од Солун.
Под диригентската палка на маестро Најден Тодоров, уметниците создадоа незаборавна атмосфера која уште еднаш ја потврди моќта на културата да поврзува, обединува и гради мостови меѓу народите. Впечатлив настап имаа солистите Ана Дурловски, Николас Спанос и Иво Јорданов, чија изведба беше наградена со долготрајни аплаузи.
Ваквите културни настани се силна потврда за значењето на уметноста во општеството и за потенцијалот на регионалната и меѓународната културна соработка. Упатувам искрени честитки до сите учесници и организатори за успешно реализираниот проект и за вечерта која ќе остане запаметена како вистински празник на музиката– порача министерот Зоран Љутков.
