Михаилов: Во Прилеп, на повеќе локации беа фатени и одземени повеќе запрежни коли и други превозни средства и предмети со кои се пренесувале нежигосани дабови огревни дрва
Во текот на овие два дена, нашите шумочуварски служби заедно со Шумската Полиција и МВР беа доста активни и успешни – истакна за СТАНИЦА.МК Замененик Генералниот директор на ЈП Македонски Шуми, Кире Михаилов, кој што при тоа додаде:
На територијата на ПШС “Црн Бор” во Прилеп, на повеќе локации беа фатени и одземени повеќе запрежни коли и други превозни средства и предмети со кои се пренесувале нежигосани дабови огревни дрва. Во текот на овие акции, беа запленети букови огревни дрва во околината на Скопје, на територијата на ПШС “Караџица”. Во Дојран, во самиот град, од повеќе локации беа конфискувани дабови огревни дрва кои биле доставени до крајните купувачи, но, истите биле посечени од непредвидени оддели, биле нежигосани и без соодветна документација.
Во Берово, нашите служби, заедно со Граничната Полиција одземаа букова техничка дрвна маса која била посечена без дозвола, од непредвидени локации и притоа истите се превезувале нежигосани без соодветна документација. Во Струга е одземен еден камион со поголема количина нелегално посечена и нежигосана дабова дрвна маса и истиот е пренесен во кругот на подружницата на ПШС “Јабланица” во Струга. За сите лица кои беа затекнати во овие криминални активности и за сите оние кои не беа фатени, но за истите има основани сомнежи дека учествувале во истите се процесуирани соодветни пријави до надлежните институции и истите ќе бидат извадени пред лицето на правдата и ќе одговараат за своите постапки. Овие акции ќе продолжат на територијата на цела МАКЕДОНИЈА се додека е тоа потребно – порача Михаилов.
