ЈП „Паркинзи“ -Битола со интензивни работни активности! Се врши бележење на коловозот кај „Широк Сокак“
ВО ТЕК СЕ АКТИВНОСТИТЕ ЗА ПОСТАВУВАЊЕ ПЕШАЧКИ СЕМАФОРИ, СЕ РАБОТИ ВО НОЌНИТЕ ЧАСОВИ ЗА ДА НЕМА ЗАСТОЈ ВО СЕКОЈДНЕВИЕТО
На преминот на Широк сокак кај плоштадот „Гоце Делчев“ во тек се активностите за поставување на пешачки семафори кои треба да го олеснат преминувањето на пешаците преку оваа сообраќајница, во периодот кога таа не е затворена за сообраќај.
Деновиве, со интензивни работни активности после полноќ, се врши бележење на коловозот од страна на ЈП „Паркинзи“, согласно основниот сообраќаен проект за воведување на светлосни знаци за управување со сообраќајот на крстосниците на улица „Широк Сокак“ со улица „Димитар Илиевски Мурато“ и со улица „Солунска“ и воведување на пешачка зона на Плоштад „Гоце Делчев “ во Битола. Проектот по барање на Општина Битола го изготви Jавното претпријатие за урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг од Битола.
Работните активности се изведуваат во ноќните часови со цел реализацијата на проектот да не влијае врз секојдневието и движењето на граѓаните.
Освен кај плоштадот „Гоце Делчев“ се работи и на поставување пешачки семафари кај Камен мост, со што и на овој премин ќе се обезбеди побезбедно преминување на улицата особено во летниот период кога фреквенцијата е голема.
Согласно проектната документација, планирано е и плоштадот кој се користи како паркинг простор да биде пешачка зона, односно да нема паркирани возила, а за неговото уредување денес, преку граѓански форум, граѓаните ќе имаат можност да ги изнесат своите мислења и согледувања насочени кон разубавување на плоштадот.
