|

ИНТЕРВЈУ со Коста Хасану: Крушевскиот локум е нашата култура и идентитет!

Сподели го ова:




Не можете да кажете дека сте биле во Крушево, ако за дома не го понесете најголемиот крушевски сувенир, а тоа е крушевскиот локум од крушевската слаткарница “Тагас Балкан”, слаткарница која како нем сведок говори за крушевската историја, крушевската традиција, старите крушевски чаршиски муабети помеѓу крушевските занаетчии, како и слаткарница која зборува за една новата иднина која допрва доаѓа, за новото време и по нови 100 години, зашто токму слаткарницата  “Тагас Балкан”, оваа година слави свое 100 годишно постоење. Нејзините препознатливи производи-крушевскиот локумот и целувките се нејзиниот белег кој сведочи за успешното нејзино опстојување низ сите овие поминати години. Уште на самиот влез-кога информативната екипа на моментално најактуелниот информативен портал “stanica.mk” влезе внатре во слаткарницата “Тагас Балкан”, љубезно, професионално и домаќински не пречека фронтменот на самата слаткарница, г-динот Коста Хасану кој откако како добар домаќин не почести со традиционалното вкусно крушевско кафе, крушевскиот локум и вкусните целувки, во топлата домаќинска пријатна атмосвера која преовладуваше во слаткарницата “Тагас Балкан”,  го започнавме нашиот пријатен разговор.

На почетокот го запрашавме г-динот Коста Хасану дали смета дека нивниот 100 годишен јубилеј од производството на нивниот крушевски локум, говори и сведочи за една убава традиција, за едно крушевско минато, каде овој локум во минатото и до дене денес претставува најсладок крушевски сувенир на градот Крушево? “Токму како што рековте, Вие добро спомнавте дека оваа традиција и овој дуќан, оваа година слави 100 годишно постоење, а сето тоа е во рамките на една фамилија која добро си ја зачувала традицијата на добро познатиот крушевски локум кој што е нашата култура и идентитет. Самата традиција започнува уште од “пра-пра дедото Ѓорѓи” кој што овој занает во Крушево го донесол од Солун уште пред 100 години, при што самиот тој на почетокот успешно работел на усовршување на локумот, за да овој локум по некое извесно време го предаде на својот син-прочуениот крушевчанец Киро Тагас, кој што ја претставува втората генерација на производството на крушевскиот локум. Имено, Киро Тагас долги години се занимаваше само со оваа слаткарска дејност, работејќи на локумот во однос на негово усовршување, при што самиот тој занаетот успешно го пренесува на своите две ќерќи-Соња и Мери Тагас, кои што го продолжија овој слаткарски занает. Овие две негови ќерќи го пренесуваат занаетот на наредната-четврта генерација, кои се мои куќни пријатели, пријатели кои јас многу си ги сакам, бидејќи самите тие во ова софистицирано време, сепак наоѓаат сила успешно да ја продолжат традицијата…Е сега, уште е рано да кажам дека ги надминуваат претходните три генерации, меѓутоа барем во најмала мера го задржуваат и негуваат сето она што претходните генерации го создале.  Лично, знаејќи го ентузијазмот на оваа денешна четврта генерација, сигурен сум дека не само успешно, туку и мошне добро и совршено и во иднина ќе го водат овој занает. Вие на почетокот уште кога влеговте во нашиот дуќан овдека во Крушево, спомнавте една реченица а тоа е дека “нема човек кој дошол во Крушево, а не купил барем еден сладок сувенир од нашата слаткарница за да си понесе за дома”. Крушево како град си има и своја традиција, а крушевскиот локум е врвот на шлагот, а туристите викаат дека “Ако човек бил во Крушево, и не купил за дома од крушевскиот локум, тогаш тоа е исто како да не направил ништо, и како да не бил во Крушево”.

Во однос на составот на локумот, го запрашавме г-динот Коста Хасану, дали денешниот состав на нивниот крушевски локум е оној традиционалниот состав, по кој што локумот се произведувал уште пред 100 години? “Да, јас Ве уверувам дека тоа е така, состојките си се длабоко скриени во оној т.н. “алваџиски тефтер”, состојките се исти, ништо повеќе и ништо помалку не е внесено во составот на нашиот крушевски локум, и денес самиот тој се произведува по оној рецепт по кој се произведувал уште од пред 100 години”.

Како што одминуваше нашиот пријатен разговор, го запрашавме г-динот Коста Хасану во однос на тоа, колку странските туристи се информирани за овој крушевски т.н. “слаткарски музеј” музеј кој веќе 100 години говори за нивните слатки традиционални производи? Слободно можам да кажам, дека крушевскиот локум не само што е брендиран во нашата земја, туку ова наше слатко задоволство, има продрено во секој континент на земјината топка…Порано локумот го купуваа луѓето кои се иселуваа во нашата земја и го знаеја нашиот крушевски локум, и истите-како подарок го носеа низ земјите каде што самите тие одеа…Меѓутоа сега мене ми е посебно драго задоволство, што денес доаѓаат во Крушево, летачи и други спортисти, односно луѓе од надвор кои го знаат нашиот крушевски локум.  Многу пати кога турист од странство ќе дојде во нашата слаткарница, ќе каже дека пред извесно време како подарок му донесол пријател од нашиот надалеку прочуен крушевски локум, па изненаден од одличниот примамлив сладок вкус од крушевскиот локум, дошол во Крушево за да си купи повеќе пакувања, за него, за поздрав по дома и слично… Инаку, странските туристи нашиот локум го познаваат по плавото пакување на локумот, и по тоа го препознаваат. Мене би ми било драго да сте барем еднаш тука кога овие туристи кои за прв пат идат во нашата слаткарница ќе го видат плавото пакување на локумот, веднаш го препознаваат и истите тие се искрено среќни дека дошле до она слатко задоволство за кое очекувале дека ќе го пронајдат во Крушево.

Јас Ве знам Вас, секогаш кога идам во Крушево купувам од оваа слаткарница, и секогаш сте љубезен, културен, претставителен, a знаете понекогаш и да раскажете некоја крушевска анегдота,  или пак дел од историјата, со други зборови сакам да кажам дека сте многу блиски со Вашите муштерии и со сите туристи. Ќе си земам за право да Ве прашам-колку сметате дека Крушево како град има направено за афирмација на крушевската историјата во светски рамки? Видете да ви кажам…Крушево како град е многу богат со историја, јас на некој начин сум и разочаран од тоа што дека многу малку е направено за афирмација на Крушево во меѓународн рамки. Значи, Крушево има уште толку неоткриени работи кои што луѓето не ги знаат, а кога би се откриле, туристите  би биле уште повеќе позаинтересни за да го посетуваат  Крушево.

Оваа слаткарница има еден типичен староградски стил, па го запрашавме г-динот Коста Хасану, дека ако фрлиме еден поглед во однос на внатрешноста на нивната слаткарница, можеме да заклучиме дека самата таа е во оној типичен крушевски староградски автентичен стил, а самата автентичност ја надополнува и старата слика од Киро Тагас која е поставена на еден од ѕидовите во дуќанот, слика која како нем сведок говори за историјата на нивниот дуќан, слика која што сведочи за едно старото убаво време каде што крушевскиот локум претставувал слатка инспирација за Крушевчани.Еве што изјави г-динот Коста Хасану во однос на ова:  Јас би додал на тоа дека чичко Киро Тагас беше многу добар музичар, тој пред се беше наставник по музичко во Крушево и тука, навистина драго ми е што веќе се навративме повторно на него во нашиот разговор, зашто тука пред многу години токму во овој дуќан, заедно со него и неговиот прим, се создаваа музички дела и песни за крушевската чаршија. Чичко Киро Тагас беше многу голем другар со господинот Таки Фиси кој направи голем број познати музички дела, а некои од овие дела може се настанати и од инспирацијата на чичко Киро Тагас.

Во однос на ова го запрашвме г-динот Коста Хасану дека со сето ова претходно наведено сака да ни каже дека во минатото локумот и музиката претставувале една совршена заедничка комбинација која помогнала да се збогати онаа крушевска историја која трае до ден денес? Па да…И јас сум помлад, не се сеќавам многу на тоа, меѓутоа ми кажувале луѓе дека било уште поголемо задоволство, кога во минатото, некаде во вечерните часови кога веќе затворала чаршијата, тој оркестар ќе се соберел тука во овој дуќан, и кога некој ќе дојдел од надвор во Крушево и ќе ги видел самите нив како уживаат свирејќи, задоволството било уште поголемо. Со други зборови, гостите од надвор не само што ќе се засладеле и не само што ќе си купеле локум, ќе слушнеле и добра староградска крушевска музика.

Навистина, овој дуќан од слаткарницата “Тагас Балкан” е полн со историја, па врз основа на ова го запрашавме г-динот Коста Хасану, дали овој сегашен дуќан каде сега е нивната слаткарница, е оној истиот дуќан од тоа старо време, при што самиот тој изјави:  Сега не ме држете точно за збор, меѓутоа овој дуќан јас го знам од дете. Јас ако сега имам 57 години, со сигурност можам да кажам дека овој дуќан постоел и пред најмалку 20 години уште пред јас да се родам, што значи дека почетокот на дуќанот и почетокот на  производството на локумот се тука некаде…

На крајот од нашиот разговор го запрашавме г-динот Коста Хасану дали некаде се извезува овој крушевски локум, или пак самите туристи се тие кои го извезуваат овој локум кога ќе си појдат во нивните земји? Еве што ни одговори г-динот Хасану во однос на ова прашање: Одлично кажавте,  кога зборуваме за извозот на локумот во другите земји, единствени извозници се туристите кои со самото купување на локумот од нашиот дуќан тие си понесуваат и за дома како поздрав за нивните пријатели кои живеат во нивните земји. Искрено, ние не можеме да извезуваме, бидејќе сето она што ние го произведуваме, веднаш се троши. Локумот се прави рачно, бидејќи ако ние отпочнеме со производство на манифактурни количини, а не го произведуваме локумот рачно, тогаш во таков случај нема да го добиеме оној прочуен квалитет на крушевски локум-квалитет кој што ние долги години го создаваме и го имаме.

Веќе немавме време, бидејќи нашата информативна екипа требаше да информира за еден културен настан кој се случуваше истата ден во Крушево, па моравме да заминеме. Како добар домаќин г-динот Коста Хасану топло не поздрави, и откако веќе по втор пат ни напомена дека вратите на оваа слаткарница која е сладок крушевски музеј се секогаш отворени за “stanica.mk”, за дома ни подари од нивниот најубав крушевски локум и крушевски целувки за да сведочат кога си заминеме за дома, дека нашата информативна екипа била во Крушево, во убавото историско Крушево, како и за тоа дека сме биле во слаткарницата “Тагас Балкан” која преку нејзиниот слатки квалитет трае и опстојува цели 100 години.

Нема опис за фотографијата.




Сподели го ова:

Слични објави