ГОЛЕМ РЕВОЛТ КАЈ РОДИТЕЛИТЕ: Недостигаат 34% од учебниците врз основа на информациите од КСДЗ

Сподели го ова:
























Согласно препораката на КСДЗ, МОН требаше да обезбеди учебници по сите наставни предмети и на сите јазици на кои се извршува наставата во  основното образование пред почетокот на учебната 2023/2024 година.

Заради законската обврска да го следи спроведувањето на препораката, Комисијата побара од МОН најдоцна до 31.08.2023 година да достави писмен извештај за состојбата со обезбедувањето на учебниците по секој предмет поединечно со забелешка за статусот на секој учебник.

МОН го достави списокот, со архивски број 26-2125 од 31.08.2023.

Согласно овој документ, состојбата околу обезбедувањето на учебниците е следната:

Од вкупно 126 учебници потребни за сите задолжителни и изборни предмети во деветгодишното основно образование, на почетокот на училишната година, МОН не обезбедило 43 учебници, односно недостигаат 34% учебници.

  • Само учениците од прво и второ одделение оваа година ќе имаат учебници по сите наставни предмети и на сите наставни јазици.
  • Учениците од III одделение ја започнуваат оваа година без ниту еден учебник по сите задолжителни предмети. Учебниците по македонски, албански, турски и босански јазик не се готови. Допрва следи нивно „печатење, преведување и дистрибуција“ што МОН го нарекува „завршна фаза“. Во истата фаза се и учебниците по природни науки и општество. Учебникот по српски јазик нема ни одобрение од Националната комисија. Учебник по математика ќе нема, ниту досега е распишан јавен повик за формирање на авторски тим, а истиот ќе треба да се преведи и на сите други наставни јазици.
  • Учениците кои наставата ја следат на албански, турски, српски и босански јазик од IV, V и  VI одделение нема да имаат учебник по македонски јазик, иако им е задолжителен предмет. МОН тврди дека причина за ова е што пријавените автори биле „несоодветни според нормативот за наставен кадар“. Ракописот за петтоодделенците не бил одобрен од Националната комисија откако ги поминал сите фази на процесот за одобрување на учебник, додека за учебникот за VI одделение никој не се пријавил на конкурсот.
  • Учениците од V одделение ќе немаат учебник по новиот предмет „историја и општество“.  Тоа е истиот учебник кој беше одобрен од Националната комисија за учебници уште на 03.11.2022 година, испечатен и дистрибуиран до училиштата, но заради клучни содржински грешки беше повлечен од употреба во мај 2023 година. МОН тврди дека во меѓувреме обезбедиле нов авторски тим и ракописот бил во фаза на одобрување.
  • Учениците од VI одделение оваа учебна година ќе немаат учебник по ниту еден задолжителен предмет. Вкупно 10 наставни предмети за кои сè уште нема одобрување. За учебникот по историја и општество не бил доставен ниту еден ракопис. За учебникот по српски јазик се пријавиле автори „несоодветни според нормативот за наставен кадар“ па повторно објавиле повик за формирање на авторски тим. Учебникот по математика бил „во завршна фаза на одобрување“ а потоа треба да  се преведи и на другите јазици!
  • Учениците од VII, VIII и IX одделение оваа учебна година наставната програма ќе ја следат според старата програма и ќе ги користат старите учебници, освен учебникот по географија кој иако е одобрен не може да се користи поради „проблеми со преносот на материјалните авторски права со авторот“. За предметот историја за VII одделение (2 учебника), историја за VIII одделение и историја за IX одделение (2 учебника од различни издавачи) МОН „во моментов не нарачува дополнителен тираж заради историската комисија“. Комисијата не може да утврди дали ова значи дека учениците ќе ги користат постоечките одобрени учебници по историја или не.
  • Вкупно 20 учебници по странски јазици, како прв или втор предмет за сите одделенија од деветгодишното основно образование сè уште немаат одобрение за употреба кое го дава Педагошката служба како орган при МОН. За сите е забележан статус „во напредна фаза на одобрување“. Ако се има предвид законската одредба дека јавниот повик за овие учебници трае од 10 дена до 3 месеци, Комисијата не може да утврди кога овие учебници би биле дистрибуирани до учениците.

Според горенаведеното, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека МОН не ја отстраниле повредата на правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема популација ученици од основното образование во зададениот рок, што било нивна законска обврска.




Сподели го ова:

Слични објави