Димитровски го осуди навредливото скандирање кон Битола од страна на претставниците на ФК Вардар
Секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски, го осуди навредливото скандирање кон Битола од страна на претставниците на ФК Вардар при прославата на шампионската титула.
“Како човек, битолчанец и љубител на спортот и секретар на Општина Битола, чувствувам обврска јавно да кажам дека ваквото навредливо скандирање кон Битола и кон Каролина Гочева е недозволиво и срамно. Ниту еден успех, титула или спортска еуфорија не може да биде оправдување за навреди, омаловажување и недостоинствено однесување.
Особено загрижува кога во вакви сцени се гледаат луѓе кои треба да бидат пример – фудбалери, репрезентативци и спортски работници. Спортот треба да воспитува, да обединува и да гради карактер, а не да испраќа пораки што создаваат поделби и нетрпеливост.
Битола знае што значат спортот, традицијата и достоинството. И токму затоа, никој нема право да го навредува градот, неговите луѓе и имињата што со години достојно ја претставуваат Македонија.
Воедно, жално е што истите кои денес глумат морални авторитети, со месеци ликуваа на секој предизвик и неуспех на Пелистер, обидувајќи се политички да профитираат од спортот. Но Пелистер бил и ќе остане поголем од дневната политика и ситните интереси.
Пелистер е гордост. Пелистер е Битола” – порача секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски.
