Да не се повтори – никогаш и никаде! Еден месец од трагедијата во Кочани
Помина еден месец од големата трагедија во Кочани. До овој момент, во врска со пожарот истрага е поведена за околу 60 физички и правни лица. Еден од нив, по отворањето на истрагата почина како последица на повредите здобиени во пожарот и од тие причини, по целосно прибавување на документацијата за неговата смрт, постапката за него ќе биде запрена. Дополнително, истрага се води и против седум полициски службеници во постапката што ја отпочна Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција односно Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција. И во тој дел истражните дејствија продолжуваат за целосно утврдување на линијата на одговорност, за што јавноста ќе биде веднаш известена.
„Сакам да упатам една јасна порака до македонските граѓани, а тоа е дека време кога пајакот и кабелот беа криви заврши. Македонските граѓани можат да направат разлика и за она што досега е спроведено, во споредба на што досега било правено претходно. Мислам дека на секој еден од нас му е јасно дека разликата е огромна, дека за разлика од претходно со оние три, четири трагедии коишто цело време се споменати во јавноста, каде што имавме повеќе од седумдесеттина жртви. Во минатото МВР немаше поднесено никаква кривична пријава до Јавното обвинителство. Во минатото МВР, немаше ниеден осомничен којшто би требало да го процесуира и даде на понатамошна обработка на Јавното обвинителство“ – истакна министерот Тошковски пред некој ден.
