АПЕЛ ДО ГРАЃАНИТЕ, РАБОТОДАВАЧИТЕ И ВРАБОТЕНИТЕ: ВНИМАТЕЛНО ВО УСЛОВИ НА ВИСОКИ ТЕМПЕРАТУРИ И ЗАШТИТА ОД ТОПЛОТНИОТ БРАН!

Сподели го ова:





























Во деновите со екстремно високи температури, во услови на актуелниот топлотен бран и активирана Фаза 2 од Акцискиот план за превенција на последиците од топлотните бранови, ве повикувам доследно да ги почитувате препораките на Институтот за јавно здравје.

Пијте вода редовно, дури и кога не чувствувате жед, а избегнувајте алкохол и засладени пијалоци. Вработените редовно да внесуваат течности и да избегнуваат алкохол и прекумерен кофеин.

Физичките активности и рекреацијата планирајте ги во раните утрински или вечерните часови, избегнувајќи го најтоплиот дел од денот.

Работодавачите да обезбедат доволно вода, почести паузи и простор за разладување, соодветна вентилација и климатизација, а работата да се организира така што ќе се намали изложеноста на најголемите горештини. Физички најтешките активности, кога е можно, да се извршуваат во постудените делови од денот, со ротација и намалување на физичкиот напор.

Носете лесна и светла облека, шапка, очила за сонце и користете крем со заштитен фактор. При престој на отворено, секогаш носете вода со себе. Вработените да носат лесна и светла облека, капа и заштита од сонце и да ги користат паузите за престој во сенка или разладен простор.

Посебно внимание е потребно за постарите работници, хронично болните, бремените жени и другите ранливи категории, кои се под поголем ризик од последиците на високите температури.

Доколку почувствувате вртоглавица, слабост, главоболка, гадење или грчеви, веднаш прекинете со активноста, засолнете се на ладно место, внесете течности и доколку симптомите не се повлечат, побарајте медицинска помош.

Вртоглавица, слабост, главоболка, гадење, конфузија или прекин на потењето се предупредувачки знаци. При сомневање за топлотен удар, веднаш повикајте 194 или 112 и започнете со разладување на лицето додека пристигне медицинската помош.

Да бидеме одговорни и да го чуваме сопственото здравје, но и здравјето на оние околу нас.

Да бидеме одговорни, здравјето и безбедноста на луѓето се на прво место.

Препораките се согласно насоките на Институтот за јавно здравје.




Сподели го ова:

Слични објави