АЈДЕ ДА СЕ ПРЕБРОИМЕ! Прилепската гимназија e местото каде ја оставивме младоста и ги создадовме најубавите спомени од “нашето време”

Сподели го ова:
























Ајде да видиме колку не има-КОЈ УЧЕЛ ВО ПРИЛЕПСКАТА ГИМНАЗИЈА “МИРЧЕ АЦЕВ”, местото каде што се создаваа најубавите средношколски спомени, спомени кои што до ден денес, говорат за едно убаво поминато време во прилепската гимназија, која создава спомени за генерации и генерации. Меѓутоа, ретко кој од средношколците кои учеле во оваа прилепска гимназија ја знае историјата за самата гимназија.

Имено, на 1 февруари далечната 1945 год. започнува да се изведува наставата во старата училишна зграда на сегашното основно училиште „Кочо Рацин“, и во оваа прва учебна година Гимназијата започнала да работи како Полна гимназија (I-VIII) клас, а наставата се изведувала според наставен план и програма на мајчин – македонски јазик.Поради зголемениот број на запишани ученици во наредните учебни години се почуствувало недостиг на училишен простор, така што во април 1947 година, започнала изградбата на нова гимназиска зграда во „Тризла Маало“ наспроти „Тутунски Комбинат“ и за две години, поточно во второто полугодие од учебната 1949/50 година Полната Гимназија „Мирче Ацев“ била преместена во новата зграда – каде што и денес се наоѓа, со 31 просторија за изведување на настава, фискултурна сала, спортски игралишта, канцелариски и други простории.

Во учебната 1953/54 година настанале нови организационо-структурални промени во гимназијата, така што останале само вишите класови, а нижите и прогимназиите се слеани во основните осумгодишни училишта. Името Виша Гимназија го носела до учебната 1957/58 година, за потоа да стане 4 класно училиште за општо образование – гимназија.

Во 1959 година било извршено измена на наставните планови и програма од страна на Советот за просвета на НРМ. Со тие промени Гимназијата на младинците од 15-19 години им давала сигурни, широко стручни и научни знаења од областа на јазикот и литературата, другите општествени науки, од техниката и културата и др., со цел да ги подготви учениците со предзнаења за да можат успешно да ја следат наставата на Универзитет.

Со цел да се изврши благовремена професионална ориентација на младите луѓе-гимназијалци, била воведена нова организација во наставата, односно реформирана чеврто-класна Гимназија (I, II, III и IV клас) поделена во две насоки: општествено-јазична и природно-математичка.

Гимназијата „Мирче Ацев“ во учебната 1983/84 година се трансформирала во Училишен центар за општествено-техничка и медицинска насока, со 920 ученици од гимназијата „Мирче Ацев“ сместеми во 29 парарелки и 58 вработени и Медицинско училиште со 350 ученици во 10 паралелки и 17 вработени. Тогаш уписот за прва година се вршел по изборна програма, според следните струки и занимања:

  • просветна струка-соработник во воспитно образовна дејност,
  • културолошка струка-културолошки техничар,
  • математичко-информатичка струка-информатички техничар,
  • градежна струка-хидроградежен техничар,
  • здравствена струка-акушерка, педијатриска сестра, медицинска сестра, лаборантски техничар,
  • биотехничка струка-битехничар.

Воведувањето на новиот концепт на насочено образование и неговите промени во наредните години, веројатно не ги даде очекуваните резултати, така што во 1993 година Училишниот центар за општествено-техничка и медицинска насока „Мирче Ацев“, преминува во Гимназија „Мирче Ацев“ со паралелки за општа и природно-математичка гимназија, во согласност со промената на Законот за насочено образование.

Од учебната 2001/2002 год. во Гимназија „Мирче Ацев“ се применува новиот Наставен план за гимназиско образование што е донесен на ниво на Република Македонија. Како и да е, прилепската гимназија оставила значаен траг при креирање на оние средношколски спомени, кои до ден денес длабоко ги носиме во себе, спомени кои говорат за едно убаво минато време со нашите школски другари кои сега се доктори, економисти, специјалисти, правници, професори по физика, математика….И ден денес, прилепската гимназија создава спомени за денешните нови генерации кои моментално учат во неа, спомени кои се креираат сега-во истиот овој миг, а ќе траат исто толку вечно-како и нашите!

АЈДЕ ДА СЕ ПРЕБРОИМЕ! – САМО ТАКА ЌЕ ОПСТОИМЕ!!!




Сподели го ова:

Слични објави